Не така одамна, ватерполото беше рамо до рамо со ракометот и со кошарката во континуитетот учества на светски и европски првенства. Пливачката федерација си измисли проект и буквално од никаде состави респектабилна репрезентација, купувајќи низа српски, црногорски и хрватски ватерполисти.
И како дошло, така поминало. Од чекор до настап на Олимписки игри, ватерполото нагло назадуваше до форма на формално постоење, па Македонија денес нема ни лига, ни репрезентација, ни сениори во овој спорт, само по некој клуб, поточно три.
Еден од оние кои се трудат да го вратат во живот ватерполото е Александар Ѓорѓевски, кој за таа цел го основа клубот Вардар8, не како возобновување на некогашниот Вардар, туку за да го врати името.
„Јас сакав да го земам стариот клуб Вардар, но тој имаше големи долгови, околу 60.000 евра, па затоа решивме да тргнеме со чисти сметки, а да си остане Вардар, со додавка 8. Ова не е возобновување, туку враќање на името и приказната на Вардар, сакаме тој дух да го пренесеме на овој клуб“, почнува Ѓорѓевски, кој е и претседател и тренер во клубот.
Сакајќи да му обезбеди иднина на спортот, од кој, како што вели, е зависник, Ѓорѓевски има сосема поинаков пристап од своите претходници, а тоа е работа на долги патеки.
„Јас не по моја вина престанав да играм на 18 години. Бидејќи старите не прават ништо и само чекаат да помогне државата или Федерацијата, се собравме неколкумина бивши соиграчи и решивме да направиме клуб. Ние сме млади дечки, кои сакаат да работат, сметаат дека имаат што да покажат и не се себични. Почнуваме сами, на ризик, со нов систем на функционирање, кој треба да постави темели и да не зависи од државата и фирми, туку да бидеме клуб со свој буџет“.
Тој за Вардар8 вели дека е најбрзо растечки клуб во Македонија и тоа го поткрепува со бројки.
„Со работа почнавме на 3 септември и до денес веќе имаме 40 деца и четворица тренери. Тоа се сосема нови деца, не повлековме од други клубови. Не работиме со деца постари од 14 години. Цел ни е да направиме здрава генерација за една идна ватерполо екипа. Наш метод е нови луѓе, нов систем, нова енергија, нови искуства и нови генерации. Нема да имаме резултати за една година, но ќе добиеме нешто што нема да пропадне преку ноќ. Сега градиме темели. Децата засега тренираат само пливање и не им даваме топка, а после сами ќе се определат“.
По пропуштената голема шанса пред неколку години, ватерполото сега одново е на почетни позиции, но Ѓорѓевски смета дека нешто се движи во овој спорт.
„Лесно е да купиш сè што е пред пензија и да имаш инстант резултати. Ние одиме контра тоа, што е потежок, но вистински пат. Ветувам дека за три години ќе имаме екипа на ниво на српските“.
Г. КОНЕВ