Седумгодишниот Џихан Еминов и 11-годишниот Христијан Трајков, ученици во специјалните паралелки во Кавадарци, се неразделни другари и во училиштето и на спортските терени. Тие, како што вели нивниот ментор Зоран Велков, со душа чекаат да дојдат Регионални спортски игри, што традиционално се одржуваат на 9 мај во Штип.
„Не само овие ученици, туку и останатите едвај чекаат да има спортски натпревари и специјално се подготвуваат за регионалните спортски игри. На ваквите активности им посветуваме посебно внимание, затоа што спортот значително ја подобрува нивната психомоторика, која им помага подобро да ги разбираат и полесно сфаќаат училишните задачи“, вели дефектологот Велков, кој речиси три децении се занимава со воспитување и образување на деца со посебни потреби во Кавадарци.
Второоделенецот Џихан потекнува од Радовишко од социјално загрозено семејство и е згрижен во мал групен дом во Кавадарци, а шестоодделенцот Христијан има повеќе психички и физички оштетувања, но спортските активности имаат позитивно влијание врз неговата здравствена состојба.
„И двајцата сакаат да играат фудбал, кошарка и пинг понг. Кога доаѓаат вакви регионални натпревари, со поголем мотив ги решаваат училишните задачи, за потоа да се одадат на спортувањето. Нивниот пример го следат и останатите деца кои се со одреден хендикеп“, вели Велков.
На годинашните Регионални спортски игри во Штип учествуваат 120 ученици од посебните паралелки од Велес, Неготино, Кавадарци и од градот домаќин.
Т. ЈОВАНОВСКИ