Македонскиот пливач Томи Стефановски денеска и официјално потврди дека се повлекува, еден ден по враќањето од Италија, каде викендов со освоеното шесто место на маратонот Капри-Неапол ја освои светската титула во Гран-при серијата на ФИНА. 44-годишниот Стефановски беше вицешампион во серијата пред две години, додека во 2009 година успеа да го преплива каналот Ла Манш. Сезонава тој победи на Охридскиот маратон како највозрасен пливач со ваков успех, а беше трет во трката на езерото Сен Жак во Канада.
„Со испраќање на писмо до ФИНА, и официјално ставив крај на мојата кариера.Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите тренери коишто поминаа низ мојата кариера, на сите пливачи со коишто заедно ги броевме плочките во базенот, на сите ватерполисти со коишто делевме и ден и ноќ. Сите тие беа причина за да останам во базенот сите овие речиси 40 години. Посебна благодарност до Петар Стојчев и Красимир Туманов со коишто поминавме децении заедно во и надвор од базенот. Благодарност до моето семејство коешто ме поддржуваше и беше покрај мене во најтешките моменти, Мамли којшто е тука 24/7 (не споменувам имиња, бидејќи сигурно стотина ќе заборавам).
Најголема благодарност до Биба – само она знае низ што поминавме сите овие години, а на моите две принцези им ветувам дека ќе им ги надоместам сите солзи коишто ги пролеаа кога одев од дома. Да сте ми сите живи и здрави, да ви е честит празникот, а Македонија да ни биде вечна! Само дома си е дома“, објави Стефановски вечерва на Фејсбук.