Мало дете од Велика Британија го поврати слухот откако стана првиот човек на светот кој учествувал во тестирањето на пионерска генска терапија, за која лекарите велат дека означува нова ера во лекувањето на глувоста.
Опал Сенди е родена без можност да слуша поради аудитивна невропатија, состојба која ги попречува нервните импулси кои патуваат од внатрешното уво до мозокот и може да биде предизвикана од грешка во ген. Но, откако примила инфузија која содржи работна копија од генот за време на револуционерната операција која траела само 16 минути, 18-месечното дете сега слуша речиси совршено и ужива да се игра со играчка тапан.
„Не ни се веруваше кога сфативме дека таа може да слуша за првпат“, изјави мајката на Опал, Џо Сенди.
Зафатот бил изведен во болница која е дел од Универзитетот Кембриџ. Во тестирањето ќе учествуваат повеќе глуви деца од Велика Британија, Шпанија и САД, кои ќе бидат следени во следните пет години.
„Првичните резултати се подобри од очекуваното, спектакуларни, блиску до целосно обновување на слухот“, кажа Манохар Бенс, ушен хирург и главен истражувач во тестирањето.
Оваа генска терапија е наменета исклучиво за децата кои имаат мутација на генот ОТОФ, кој произведува протеин наречен отоферлин.