19 ИСЧЕЗНАТИ ПО ОГРОМНА ЕКСПЛОЗИЈА ВО ФАБРИКА ЗА ЕКСПЛОЗИВИ ВО ТЕНЕСИ

    19 ИСЧЕЗНАТИ ПО ОГРОМНА ЕКСПЛОЗИЈА ВО ФАБРИКА ЗА ЕКСПЛОЗИВИ ВО ТЕНЕСИФабриката веќе ја нема, кажа локалниот шериф. (Фото: Скај5/принтскрин)

    19 лица се водат како исчезнати по огромна експлозија што во петокот целосно уништи фабрика за производство на воен експлозив во Бакснорт, Тенеси, САД. Шерифот на округот Хамфрис, Крис Дејвис, потврди дека неколку лица загинале, а четири до петмина се пренесени во болница.

    „Нема зборови со кои може да се опише, фабриката ја нема“, изјави шерифот Дејвис на прес-конференција.

    Фабриката, лоцирана на околу 90 километри југозападно од Нешвил, е во сопственост на компанијата „Акурејт енерџетик системс“ и е специјализирана за развој, производство и складирање на експлозиви. Причината за експлозијата сè уште не е позната.

    Воздушните снимки од местото на несреќата покажуваат јагленисани остатоци, возила што сè уште чадат и речиси ништо останато од објектот. Шерифот Дејвис одби да го соопшти точниот број на загинати, но додаде дека фабриката работела кога се случил инцидентот. Тој вели дека спасувачките екипи морале да држат дистанца поради секундарни експлозии.

    „Работниците кои штотуку го започнаа својот ден, сега можеби се исчезнати или мртви. Ни недостасуваат 19 души“, рече Дејвис.

    Тој потврди дека експлозијата се случила во голем објект и расфрлала остатоци на површина од речиси еден квадратен километар, а била толку силна што ја слушнале и почувствувале жителите на градот Вејверли, оддалечен 25 километри.

    Дејвис не сакаше да шпекулира дали експлозијата е несреќен случај или е намерно предизвикана, велејќи дека „мора да се тргне од најлошата претпоставка за да се дојде до вистината“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира