Еден турист загина, а друг е повреден во напад на ајкула во Црвеното Море покрај брегот на Египет. Тамошното министерство за животна средина објави дека инцидентот се случил северно од Марса Алам, одморалиште во источен Египет популарно кај нуркачите.
„Инцидентот се случи во длабоки води надвор од означените области за пливање“, кажаа од министерството.
Властите само кажаа дека жртвите се странци, додека извор од италијанското министерство за надворешни работи потврди дека станува збор за италијански државјани. Починатиот бил 48-годишен жител на Рим.
Во изминатите десет години имаше четири потврдени смртни случаи како последица на напади на ајкули ви Црвеното Море. Последниот се случи во јуни 2023, кога кај Хургада настрада 24-годишен Русин.