АКО ДОЈДЕМЕ НА ВЛАСТ, ЌЕ ПОЧНЕМЕ КАМПАЊА ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ НА ГЕРМАНИЈА ОД ЕУ, ВЕЛИ ЛИДЕРКАТА НА ЕКСТРЕМНО ДЕСНАТА АФД, АЛИС ВАЈДЕЛ

    АКО ДОЈДЕМЕ НА ВЛАСТ, ЌЕ ПОЧНЕМЕ КАМПАЊА ЗА ИЗЛЕГУВАЊЕ НА ГЕРМАНИЈА ОД ЕУ, ВЕЛИ ЛИДЕРКАТА НА ЕКСТРЕМНО ДЕСНАТА АФД, АЛИС ВАЈДЕЛВајдел кажа дека влада предводена од АфД прво ќе се обиде да ја реформира Европската Унија (Фото: Гети)

    Лидерката на крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД), Алис Вајдел, кажа дека ако дојдат на власт, ќе покренат кампања налик на брегзит за излегување на Германија од Европската Унија. Во интервјуто за „Фајненшл тајмс“, Вајдел изјави дека британската одлука би била вистинска за Германија и дека „дексит“ би бил поттик за самоопределувањето на земјата.

    „Тоа е модел за Германија дека може да се донесе таква суверена одлука“, кажа Вајдел.

    Во изминатите денови, низ Германија се одржуваа масовни протести против АфД и крајната десница, кои почнаа откако се дозна за состанок на кој се разговарало за план за масовни депортации на мигранти, баратели на азил, па дури и германски државјани со странско потекло. На овој состанок присуствувале и високи функционери на АфД.

    Вајдел го нарече ова скандалозно и рече дека погрешно ја претставува нејзината партија, која само сака да го користи законот за да ги избрка луѓето кои немаат право да останат во Германија.

    „АфД е партија која се залага за спроведување на законите на оваа земја“, рече таа.

    Вајдел кажа дека пред да се одржи референдум за дексит, влада предводена од АфД ќе се обиде да ја реформира Европската Унија, да го отстрани нејзиниот „демократски дефицит“ и да ги намали овластувањата на Европската комисија, која е неизбрана извршна власт.

    „Ако реформата не биде можна, ако не успееме да го обновиме суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, треба да ги оставиме луѓето да одлучуваат, исто како што направи Британија. И би можеле да имаме референдум за дексит, германско излегување од ЕУ“, кажа Вајдел.

    АфД моментално го ужива својот најдобар статус во анкетите од формирањето во 2013, со поддршка од 20% до 23% на федерално ниво, со што е пред сите три партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција на Олаф Шолц.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира