Ал Каеда и Исламска држава (ИС) ги повикаа своите следбеници да напаѓаат израелски, американски и еврејски цели, подигнувајќи го нивото на закана од терористички напади во Блиски Исток и Западот.
Преку серија соопштенија и изјави изминативе две недели, неколку подружници на Ал Каеда му честитаа на Хамас за „инвазијата на Израел“, мислејќи на терористичките напади од 7 октомври кога загинаа над 1.400 луѓе во Израел, главно цивили.
Израелскиот воен одговор на нападот на Хамас предизвика хуманитарна криза во Газа и предизвика гнев ширум исламскиот свет. Тоа, според експертите, им одговара на екстремистичките групи.
Ал Шабаб, подружница на Ал Каеда во Сомалија, вели дека конфликтот во Блиски Исток не е само борба на исламските факции од Палестина, туку борба на целата исламска заедница.
Други подружници на Ал Каеда, од индискиот потконтинент, Јемен и Сирија, издадоа слични соопштенија.
Ваквите повици на насилство дополнително ги зголемуваат грижите меѓу западните функционери. Минатата недела, шефовите на МИ5 и ФБИ кажаа дека еврејските заедници, но и други групи се соочуваат со опасност од индивидуи кои делуваат самостојно. Дури и пред војната во Газа, европските власти предупредуваа за пораст на исламскиот тероризам на континентот.