Американскиот конгресмен Хенри Квељар и неговата сопруга се обвинети дека примиле мито од 600.000 долари, објави министерството за правда. Тие наводно ги добиле парите од азербејџанска државна нафтена компанија и од банка од Мексико.
Демократот од Тексас ги негира обвинувањата, но доколку бидат прогласени за виновни, тие би можеле да поминат неколку децении зад решетки.
„Сакам да бидам јасен дека јас и мојата сопруга сме целосно невини“, изјави 68-годишниот Квељар.
Хенри и Имелда Квељар се обвинети за заговор, поткуп, перење пари и за дејствување како агенти на странска организација. Министерството за правда кажа дека тие примале мито од 2014 до 2021 преку серија лажни консултантски договори. Во замена за парите, Квељар се согласил да влијае врз надворешната политика на САД во полза на Азербејџан и да поттикнува мерки од кои корист би имала банката од Мексико.
И покрај обвинувањата, Квељар кажа дека ќе ја продолжи кампањата за повторен избор во Конгресот во ноември.
Со слични обвинувања претходно се соочија и сенаторот од Њу Џерси, Роберт Менендес и неговата сопруга.