АМЕРИКАНСКИОТ НАПАД ВРЗ ИРАН ПОЧНАЛ СО МАМКА, БОМБАРДЕРИТЕ НЕЗАБЕЛЕЖАНО ЛЕТАЛЕ 18 ЧАСА ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ И ПОЛНЕЛЕ ГОРИВО ВО ВОЗДУХ

    АМЕРИКАНСКИОТ НАПАД ВРЗ ИРАН ПОЧНАЛ СО МАМКА, БОМБАРДЕРИТЕ НЕЗАБЕЛЕЖАНО ЛЕТАЛЕ 18 ЧАСА ВО ЕДЕН ПРАВЕЦ И ПОЛНЕЛЕ ГОРИВО ВО ВОЗДУХБомбардерите „Б-2“ испуштиле 14 бомби за разбивање бункери „ГБУ-57“, секоја тешка по 13,6 тони (Фото: АП)

    Со почнувањето на операцијата „Полноќен чекан“, група бомбардери „Б-2“ полетала од нивната база во Мисури и била забележана како се движи кон пацифичкиот остров Гуам, што беше сфатено како позиционирање за можен американски напад врз Иран. Но, тоа било само мамка. Вистинската група од седум „невидливи“ бомбардери „Б-2“ незабележано летала кон исток 18 часа, сведувајќи ги комуникациите на минимум и полнејќи гориво во воздух, објави американската војска како се одвивал нападот врз Иран.

    Кога американските авиони влегле во иранскиот воздушен простор, американска подморница лансирала повеќе од 25 крстосувачки проектили „томахавк“. Американски борбени авиони летале како мамка пред бомбардерите за да пресретнат евентуални ирански авиони и проектили.

    Нападот врз трите клучни ирански нуклеарни постројки Фордо, Натанз и Исфахан беше најголемата оперативна акција на бомбардерите „Б-2“ досега. Тие испуштиле 14 бомби за разбивање бункери „ГБУ-57“, секоја тешка по 13,6 тони, а во целата операција учествувале 125 воени авиони, објави Пентагон.

    „Операцијата беше целосен тактички успех. Иранците не успеаја да испукаат ниеден куршум кон нашите авиони и беа целосно изненадени. Иранските борбени авиони не полетаа и се чини дека противвоздушната одбрана не нѐ видела во текот на целата мисија“, изјави началникот на генералштабот на американската војска, генералот Ден Кејн.

    Тој додаде дека првичните проценки навестуваат дека сите три погодени постројки претрпеле крајно сериозни оштетувања и уништувања, но не сакаше да шпекулира дали иранските нуклеарни капацитети се вон функција. Министерот за одбрана Пит Хегсет беше поодлучен.

    „Јасно е дека сме ја уништиле иранската нуклеарна програма“, рече тој.

    Операцијата „Полноќен чекан“ била строго доверлива. Според Кејн, само малкумина луѓе во Вашингтон биле запознати со времето или природата на планот. Многумина високи функционери дознале за неа од објавите на Доналд Трамп на социјалните мрежи. Додека Хегсет кажа дека операцијата била планирана со месеци, Кејн вели дека сѐ било спремно за неколку недели.

    Нејасно е што ќе се случува следно. Иран се закани дека ќе одговори, па американските воени бази на Блиски Исток од вчера се ставени во состојба на висока готовност. Хегсет кажа дека американската војска е ставена во одбранбена позиција на Блиски Исток, но и дека е спремна да му одговори на Иран ако треба.

    Владата на Трамп кажа дека не сака поширока војна со Иран, при што, според Хегсет, биле испратени приватни пораки до властите во Техеран, охрабрувајќи ги да преговараат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира