Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, испратил детални информации за планираните воени напади на САД во Јемен во март преку приватен групен чет на апликацијата Сигнал, која самиот ја создал, а во која биле вклучени неговата сопруга, брат и уште десетина други лица, објави „Њујорк Тајмс“ во неделата.
Според неименувани извори запознаени со четот кои зборувале за „Тајмс“, Хегсет во приватната група со свои лични соработници споделил дел од истите информации – вклучувајќи ги и распоредите на летови за авионите Ф/А-18 Хорнет кои требало да ги нападнат целите на бунтовниците Хути во Јемен – кои ги споделил и во друга група на Сигнал со високи функционери, креирана од советникот за национална безбедност Мајк Волц.
Постоењето на групата креирана од Волц, каде Хегсет открил детални планови за напад пред други функционери од администрацијата на Трамп преку приватната апликација за пораки, беше јавно обелоденето минатиот месец од новинарот Џефри Голдберг од Атлантик, кој случајно бил додаден во групата од страна на Волц.
Фактот дека Хегсет ги споделил плановите и во втора приватна група на Сигнал, според „Тајмс“, веројатно ќе ги засили критиките за способноста на поранешниот водител на „Фокс Њуз“ да управува со Пентагон.
Според „Тајмс“, во приватниот чет биле вклучени и двајца високи советници на Хегсет – Ден Колдвел и Дарин Селник – кои беа отпуштени минатата недела под обвинение за неовластено откривање информации.
Хегсет и претходно беше критикуван поради вклучувањето на неговата сопруга Џенифер, поранешна продуцентка на „Фокс Њуз“, на чувствителни состаноци со странски лидери, вклучително и дискусија за војната во Украина со највисоките британски одбранбени претставници во Пентагон минатиот месец. Фил Хегсет, помладиот брат на секретарот, е продуцент на подкасти кој неодамна беше ангажиран како врска на Одделот за домашна безбедност со Пентагон. Не е јасно зошто тие би требало однапред да ги знаат деталите за плановите за напад.
Според „Тајмс“, Хегсет го користел својот приватен телефон, а не владин уред, за пристап до четот на Сигнал со неговото семејство и пријатели.