Еден од двата ангела во капелата на базиликата Сан Лоренцо во Лучина во центарот на Рим по реставрацијата добил лик на италијанската премиерка Џорџа Мелони, објави весникот „Ла Република“. По овој настан, министерството за култура веднаш наложи инспекција на сликата за да се донесе одлука за понатамошни чекори.
Весникот објави фотографии „пред и потоа“ на кои се гледа дека ангелот претходно изгледал како вообичаен херувим. Опозициското движење „Пет ѕвезди“ реагираше дека не смее да се дозволи уметноста и културата да станат алатка за пропаганда, без оглед на тоа чиј лик е насликан во црквата.
Парохискиот свештеник Даниеле Микелети изјави дека декорациите во капелата неодамна биле обновени поради оштетувања предизвикани од влага. Тој вели дека оригиналните слики се од 2000 година и затоа не се под посебна државна заштита како културно наследство. Реставрацијата ја извршил истиот уметник што ја создал оригиналната слика, Бруно Валентинети. Тој ги отфрли тврдењата дека го сменил ликот, велејќи дека само го обновил она што го насликал пред 25 години.
Премиерката Мелони на својот инстаграм профил објави фотографија од сликата со коментар дека дефинитивно не изгледа како ангел, додавајќи емотикон што се смее.



