Американскиот Сенат го потврди антиваксерот Роберт Кенеди Џуниор за министер за здравство. Само еден републикански сенатор гласаше против Кенеди, кој влезе во претседателската кампања како независен кандидат, за потоа да го поддржи Доналд Трамп.
Како министер, Кенеди ќе надгледува бројни важни агенции, како Агенцијата за храна и лекови и Центарот за контрола и превенција на болести. Откако Кенеди ќе положи заклетва, Трамп најави дека ќе потпише извршна наредба за формирање комисија наречена „Да ја направиме Америка повторно здрава“ (МАХА).
„Трамп ќе му нареди на Кенеди да ја истражи оваа хронична здравствена криза што ја зафати нашата земја“, изјави портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Кенеди (71) е адвокат од областа на животната средина кој долго време шири сомнежи за безбедноста и делотворноста на вакцините. Тој рече дека ќе работи да стави крај на хроничните болести, ќе ги прекине сите врски помеѓу вработените во американскиот регулатор за лекови и индустријата и ќе предложи да се отстрани флуорот од водоводните системи. Неговите критичари тврдеа дека тој не е способен за оваа функција поради неговата истакната улога во движењето против вакцините.