Пет ирански фудбалски репрезентативки добија хуманитарна виза во Австралија, соопшти владата, откако се појавија грижи за нивната безбедност по одбивањето да ја пеат химната пред нивниот прв меч на Азиското првенство. Министерот за имиграција Тони Берк кажа дека австралиската полиција ги префрлила жените на безбедна локација и додаде дека и другите членки на тимот се добредојдени да останат во земјата.
„Тие сакаат да бидат јасни дека не се политички активистки. Тие се спортистки кои сакаат да бидат безбедни“, рече Берк, додавајќи дека разговорите се воделе неколку дена.
Нејасно е какви последици би можело да има за нивните семејства во Иран. Остатокот од тимот е однесен на аеродромот во Голд Коуст и се очекува да лета за Сиднеј денеска.
Доналд Трамп вчера ѝ порача на Австралија дека чини ужасна грешка што им дозволува на иранските фудбалерки да се вратат дома и го повика премиерот Ентони Албаниз да им даде азил.
Првиот меч на Иранките на првенството во Австралија се совпадна со почетокот на американско-израелските напади врз Иран, при што тие ја бојкотираа химната пред стартот на дуелот со Јужна Кореја. Коментаторот на иранското државно радио го опиша ова како предавство и повика да бидат остро казнети.
Фудбалерките ја пееја химната и салутираа пред почетокот на следните два меча, поради што се појавија сомнежи дека добиле закани.
Австралиската програма за хуманитарни визи им дава трајна заштита на бегалците и луѓето во хуманитарна потреба. Носителите на виза можат да живеат, работат и студираат во земјата.



