Поранешната австриска министерка за надворешни работи Карин Кнајсл се врати во дипломатските води, во проект што многу му значи на Владимир Путин. Кнајсл, која предизвика контроверзи кога го покани Путин на својата свадба во Австрија, ќе биде амбасадорка за заштита на сибирските тигри, јавуваат руските медиуми.
Таа ќе биде официјална претставничка на Центарот за амурски тигри, руска организација востановена на иницијатива на Путин, на меѓународен план.
„Таа има големо искуство во заштитата на природата, во обновувањето на она што е загубено и многу добро разбира колку големи напори презема Руската Федерација“, изјави директорот на Центарот.
Како кадар на крајнодесничарската Партија на слободата, таа беше министерка за надворешни работи од 2017 до 2019. Кнајсл не само што го покани Путин на својата свадба во 2018, туку и танцуваше со него. По заминувањето од функцијата стана членка на управниот одбор на руската нафтена компанија „Роснефт“, а лани се пресели во Русија.