БАРБАДОС ЈА ОТСТРАНИ ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА КАКО ШЕФ НА ДРЖАВАТА И СТАНА РЕПУБЛИКА

    БАРБАДОС ЈА ОТСТРАНИ ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА КАКО ШЕФ НА ДРЖАВАТА И СТАНА РЕПУБЛИКАСандра Мејсон (десно) положи заклетва како првата избрана претседателка, а Ријана беше прогласена за национална хероина (Фото: ПА)

    Барбадос и официјално ја отстрани кралицата Елизабета Втора како шеф на државата и стана република. На полноќната церемонија во главниот град Бриџтаун, на која присуствуваа и принцот Чарлс и поп ѕвездата Ријана, Сандра Мејсон положи заклетва како првата избрана претседателка на една од најнаселените карипски држави, што се совпадна со 55-годишнината од прогласувањето независност.

    За да се означи официјална промена на власта, беше оддаден последен поздрав на монархијата и беше симнато британското знаме.

    „Врските помеѓу двете нации ќе продолжат без разлика на промените во уставниот статус. Ова е нов почеток за Барбадос“, изјави принцот Чарлс, додека кралицата испрати најдобри желби за среќа, мир и просперитет во иднина.

    Барбадос лани ги објави плановите да стане република, но ќе остане во рамките на Комонвелтот. Последната држава која ги раскина врските со британската круна беше Маврициус во 1992 година.

    Окупиран во 1627 година, Барбадос бил една од првите британски колонии за робови. Ропството било укинато во 1834, додека Барбадос се здоби со независност во 1966 и денес е една од најразвиените карипски држави. Премиерката Мија Мотли кажа дека со овој чин, Барбадос целосно го остава колонијалното минато зад себе.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира