Единаесетмесечно бебе е пронајдено живо откако поминало 35 часа на ниски температури во урнатините на станбената зграда во рускиот град Магнитогорск, која вчера беше уништена во експлозија на гас.
„Ова е новогодишно чудо“, изјави таткото на бебето, Евгени Фонкин.
Властите кажаа дека бебето со име Иван се наоѓа во многу тешка состојба, бидејќи има скршеници и повреди на главата и страда од хипотермија, откако температурите во новогодишната ноќ се спуштиле и до -20 степени. Детето беше превезено во болница во Москва и лекарите се борат да го спасат.
Евгени Фонкин изјави дека бил на работа кога жена му му се јавила за да му каже дека зградата се урнала. Таа успеала да се спаси заедно со нивниот тригодишен син. Во експлозијата се уништени 48 станови и засега се пронајдени девет тела, а 36 станари уште се водат како исчезнати.
Пјотр Гриценко, кој учествува во спасувањето, кажа дека бебето било пронајдено откако слушнале плачење.
„Ги изгаснавме сите машини и плачењето стана погласно, но, сепак, не можевме никого да пронајдеме. Беше донесено куче и со помош на таткото го лоциравме бебето. Извлекувањето беше многу тешко, бидејќи бебето се наоѓаше под нестабилна структура. Стотици луѓе чекаа да излеземе со него и чудото се случи“, кажа Гриценко.