Специјален суд во Исламабад го осуди на смрт поранешниот воен лидер на Пакистан, генералот Перваз Мушараф. Тој уште пред шест години беше обвинет за предавство.
Мушараф дојде на власт со државен удар во 1999 година и потоа беше претседател од 2001 до 2008. Тој од 2016 година се наоѓа во Дубаи, кога му беше дозволено да замине на лекување.
Обвинението против Мушараф се однесува на суспендирањето на уставот во 2007 година, кога воведе вонредна состојба со цел да се одржи на власт и по истекувањето на мандатот. Тоа доведе до протести низ земјата, а Мушараф се повлече во 2008, со цел да избегне отповикување.
Тој се огласи преку видеопорака овој месец, опишувајќи го случајот против него како неоснован.
Обвинението против Мушараф го покрена неговиот стар ривал Наваз Шариф кога дојде на власт во 2013. Тој е прв воен лидер во историјата на земјата на кого му се судеше за прекршување на уставот.