Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика пратениците да го поддржат неговиот план за предвремени парламентарни избори на 15 октомври. Џонсон вечерва поднесе предлог во британскиот парламент за одржување предвремени избори и за да успее, потребно му е двотретинско мнозинство.
„Јас не сакам избори, јавноста не сака избори, но овој парламент не остави друга опција“, кажа Џонсон.
Сепак, Лабуристичката партија, СНП и Либералдемократската партија велат дека нема да го поддржат неговиот предлог.
Предлогот на Џонсон за предвремени избори дојде откако парламентот денеска усвои закон за блокада на Брегзит без договор со ЕУ на 31 октомври. Со 327 гласа „за“ и 299 „против“, парламентот усвои закон со кој го принудува премиерот да побара ново одложување за напуштањето на ЕУ до 31 јануари 2020, ако нема договор со ЕУ до 19 октомври 2019.