Британската влада соопшти дека ќе ги разгледа барањата за промена на возрасната граница за сексуална согласност, откако една жена се откажа од правото на анонимност и јавно обвини дека комичарот Расел Бренд ја силувал кога имала 16 години.
Миа Латер, која сега има 37 години, тврди дека Бренд, кој е во затвор, орално ја силувал кога таа била тинејџерка, а тој имал 30 години. Во интервју за Сандеј тајмс, таа повика на воведување скалеста возрасна граница за согласност, со што би станале незаконски врските меѓу возрасни лица и тинејџери на возраст од 16 и 17 години.
Де факто вицепремиерката Луиз Хејг за весникот изјави дека потресната приказна на Латер значи оти промената на законот заслужува разгледување. Таа рече дека законодавците треба да ги слушнат Миа и другите жртви со слични искуства, додавајќи дека промената на возрасната граница би била голем чекор кој бара соодветно разгледување и анализа.
Според британскиот закон, возрасни лица на која било возраст законски можат да имаат сексуални односи со 16-годишници и 17-годишници. Латер оцени дека возрасните не би смееле да имаат сексуални односи со лица под 18 години.
Латер, која во претходните извештаи на Сандеј тајмс, Тајмс и документарецот на Канал 4 беше споменувана под псевдонимот Алис, го запознала Бренд на 16 години во централен Лондон. Според нејзините наводи, Бренд, кој тогаш работел во Ем-Ти-Ви, продолжил да ја кани на средби и откако му ја кажала својата возраст, а ја силувал кон крајот на нивната тримесечна врска. Бренд ги негираше сите нејзини обвинувања кога првпат беа објавени во 2023 година.
Таа разговарала со полицијата по документарецот, но Кралското обвинителство одлучило да не го вклучи нејзиниот случај во судењето против Бренд. Тој беше осуден за напади врз четири од шесте жени кои сведочеа против него и моментално отслужува затворска казна од десет и пол години за едно силување и три сексуални напади. Од лондонската полиција соопштија дека во јануари 2026 година отвориле истрага за обвинувањата на Латер за силување и оти постапката сè уште е во тек, додека од Кралското обвинителство наведоа дека продолжуваат тесно да соработуваат со истражителите.
Претходно оваа недела беше објавено дека лондонската полиција истражува и низа сериозни обвинувања за сексуални престапи против комичарот Дејвид Валијамс, вклучувајќи и тврдење на жена дека имала средба со него кога имала 15 години, што таа го опишала како сексуален напад. Валијамс негира каква било вина.
По веста дека од една од жените што го обвинуваат Валијамс било побарано да потпише договор за доверливост, Хејг оцени дека владата треба да размисли и за забрана на ваквите договори во сите случаи поврзани со вознемирување или дискриминација, за ниту една жртва да не биде замолчена.



