Бројот на невработени лица во Германија за првпат по повеќе од една деценија ја надмина бројката од 3 милиони, откако во август се зголеми за 46.000, соопшти денеска Сојузната агенција за вработување. Стапката на невработеност се зголеми за 0,1 процентен поен во споредба со јули и сега изнесува 6,4%.
Иако бројките не се неочекувани поради економскиот пад и сезонските флуктуации, тие ја нагласуваат итната потреба од реформи за поттикнување на растот и вработеноста, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Ова ќе биде во фокусот на сојузната влада“, рече Мерц на маргините на француско-германските министерски разговори во Тулон, Франција.
Портпаролката на министерката за економија, Катерина Рајхе, рече дека има потреба од брза акција за создавање стабилни услови, посочувајќи ги намалувањето на цените на енергијата, обезбедувањето квалификувана работна сила и намалувањето на бирократијата како клучни приоритети.
Водечките луѓе на владејачката коалиција на Мерц, составена од неговите конзервативци и социјалдемократите (СПД), одржуваат состанок во германскиот град Вирцбург. Лидерот на пратеничката група на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), Јенс Шпан, рече дека ќе се залагаат за мерки за стимулирање на економскиот раст.
„Три милиони невработени е пресвртница што на сите им ја покажува тешката ситуација во која се наоѓа Германија во нејзината трета година од рецесија“, изјави Шпан пред новинарите.