Бројот на платениците на „Вагнер“ кои се борат во Украина пораснал од 1.000 на 20.000, кажаа од британската влада.
Се верува дека Русија се мачи да регрутира војници и да го одржува моралот на своите сили во Украина, па сè повеќе се потпира на платеници, во што главната улога ја има паравоената група „Вагнер“, предводена од блискиот соработник на Путин, Евгени Пригожин. Во последно време, „Вагнер“ активно ја промовира својата улога во војната и ја предводи офанзивата на источниот град Бахмут, што Русите со месеци безуспешно се обидуваат да го освојат.
„Групата сега игра далеку поизразена улога во војната во Украина, но исто така го менува квалитетот за квантитетот и се соочува со предизвици и загуби како и регуларната руска војска“, велат Британците.
Влијанието и присуството на „Вагнер“ во Украина стануваа сè посилни со одминувањето на војната. Во март, групата имала 1.000 борци во Украина, што сега пораснало на 20.000, што е околу 10% од вкупните руски сили на фронтот.
„Вагнер“ не криеше дека регрутира борци во руските затвори, ветувајќи им слобода ако преживеат шест месеци. Независните руски медиуми објавија дека бројот на руските затвореници се намалил за 23.000 меѓу септември и ноември, што се совпаѓа со периодот во кој „Вагнер“ активно регрутирал.
Во минатото, „Вагнер“ земаше главно искусни поранешни војници, но британските извори велат дека групата сега е далеку од елитна единица.