Бројот на загинати во цунамито предизвикано од вулканска ерупција во Индонезија порасна на 373, а 128 луѓе продолжуваат да се водат како исчезнати, објавија властите. Речиси 1.500 луѓе се повредени.
Големи бранови удрија во крајбрежните градови на Јава и Суматра во саботата и се верува дека тие биле предизвикани од подводни свлечишта, кои уследија по ерупцијата на вулканот Анак Кракатау. Токму затоа, не биле испратени рани предупредувања за цунами.
„Предупредувачкиот систем на Индонезија е наместен така да набљудува земјотреси, не и вулкански ерупции и подводни свлечишта, кои исто така можат да покренат смртоносни бранови. Сепак, имајќи предвид дека 13% од активните вулкани на светот се наоѓаат во Индонезија, клучно е земјата да има таков систем“, појасни портпаролот на Националната агенција за справување со катастрофи.
Оттаму најавија можност за ново цунами поради продолжените активности на Анак Кракатау и ги предупредија жителите да се држат подалеку од плажите и брегот.
Цунамито удрило во вечерните часови за време на локален празник, откако не било забележано повлекување на морската вода, како што е случај при земјотреси.