Бугарија прогласи двајца вработени во руската амбасада во Софија за „персона нон грата“ и им даде 24 часа да ја напуштат државата, соопшти прес-службата на бугарскот Министерство за надворешни работи. Претходно денеска обвинителството соопшти дека специјалното обвинителство и Државната агенција за национална безбедност покренале истрага против руски дипломат и бугарски генерал од резервата за незаконска разузнавачка дејност.
Подоцна, обвинителството додаде дека истрагата утврдила оти државјанин на Руската Федерација со дипломатски имунитет вршел незаконски разузнавачки активности на територијата на Бугарија. Државното обвинителство појасни и дека против бугарскиот генерал од резерва е поведена предистражна постапка за шпионажа и тој е приведен како обвинет. Нему му е изречена мерка притвор до 72 часа.