Бугарските банки, фирми и продавници се подготвуваат да ѝ кажат збогум на националната валута лев, како што земјата влегува во еврозоната на 1 јануари, што се очекува со возбуда, скепса, а од некои и со гнев.
Бугарија на полноќ ќе стане 21. членка на Европската Унија која го прифатила еврото, со што надвор од еврозоната остануваат само Шведска, Полска, Чешка, Унгарија, Романија и Данска.
„Еврото не е само валута, туку и стратешки избор“, кажа премиерот во оставка Росен Жељазков.
Бугарија, која стана членка на ЕУ во 2007, дури оваа година ги исполни главните формални критериуми за усвојување на еврото, како инфлација, буџетски дефицит, долгорочни трошоци за задолжување и стабилност на девизниот курс. Со нејзиното приклучување, еврозоната се проширува на повеќе од 350 милиони жители. Тоа на Бугарија ќе ѝ донесе и место во Управниот совет на Европската централна банка.
Сепак, прифаќањето на еврото беше проследено и со протести, зашто многумина веруваат дека тоа ќе донесе покачување на цените и ќе значи губење на идентитетот. Некои аналитичари рекоа дека кампањата за промоција на еврото била слаба и дека постарите луѓе, особено во оддалечените области, ќе имаат тешкотии да се прилагодат. Тие сметаат дека немањето стабилна влада може дополнително да ја искомплицира промената.
Сепак, на улиците и во продавниците во Софија, бизнисите се подготвуваат. Цените на сè веќе некое време се прикажани и во левови и во евра.
„Поддржувачите на влезот на Бугарија во еврозоната истакнуваат дека земјата ќе има корист од приклучувањето кон ‘клубот на богатите‘ и ќе постигне значителен напредок. Работите се претставуваат како дека Бугарија автоматски ќе ги зголеми своите животен стандард и просперитет, но потребни се задолжителни и одложени реформи“, изјави Росица Рангелова, професорка на Институтот за економски истражувања при Бугарската академија на науките.
Левот беше врзан за еврото уште од неговото воведување во 1999 година, а Софија формално го започна процесот на приклучување кон валутниот блок во 2018.



