Дали Бугарија ги намалила клучните државно контролирани цени за да ги намали бројките за инфлација, што ѝ помогна да биде примена во еврозоната? Во април, земјата објави неочекувано намалување на дневните трошоци за болничко лекување од 82,8 проценти. Дури и на државната телевизија признаа дека причините за овој потег се мистерија.
Бугарија на 1 јануари ќе ја усвои единствената европска валута, но едвај го помина тестот за инфлација, а намалените трошоци за здравство одиграа клучна улога во тоа.
„Единствената причина зошто Бугарија се квалификуваше за еврозоната е поради државно регулираните цени. Добро е познато дека статистичките податоци биле прилагодени за да покажат резултати поповолни од реалноста, особено во сектори како што се поштенски услуги, транспорт и здравствена заштита.“, изјави за „Политико“ поранешен бугарски функционер запознат со податоците.
Иако здравствената заштита е важен фактор, железничките билети беа намалени за над девет проценти, а трошоците за поштарина за речиси исто толку. Намалувањата на државно утврдените цени помогнаа хармонизираниот индекс на потрошувачки цени да се намали за 1,2% во април во споредба со март, со што Бугарија се доведе во рамките на потребните граници.
За да се добие поволна оценка за префрлање на единствената валута, бугарската инфлација требаше да падне на 1,5% од просекот на трите земји од ЕУ со најниски стапки на инфлација. Економистите проценуваат дека само падот на цените на болничките услуги одзел 0,89% од вкупната 12-месечна стапка на инфлација, која изнесуваше 2,7%, со што Бугарија тесно го поминала прагот за влез во еврозоната. И Европската комисија ја призна важноста на намалувањето на трошоците за дневен престој во болница од 5,8 лева на еден лев.
Прашањето е колку овој потег ќе им помогне на болниците, кои главно се во лоша состојба, а сега уште повеќе ќе им се намалат приходите.
Бугарија долго време се сметаше за силен кандидат за членство во еврозоната поради нејзините ограничени буџети и врзувањето на левот за еврото уште во 1997 година, но инфлацијата во последно време беше голем проблем.
Атанас Пеканов, економист и поранешен вицепремиер, рече дека државното одредување на цените не е невообичаено.
„Во многу земји од ЕУ постојат цени контролирани од државата. Ова не се цени кои до неодамна биле пазарно базирани, па сега одеднаш државата ги контролира. Ова се услуги чии цени државата отсекогаш ги одредувала. Бугарија можеби и порано ќе ги исполнеше критериумите зе влез во еврозоната доколку инфлацијата во другите земји не била вештачки ограничена преку итни мерки“, изјави Пеканов.