Земјата дојде поблиску до уништување од кога било, додека Русија, Кина, САД и други држави стануваат сè поагресивни, понепријателски настроени и понационалистички, соопшти групата Билтен на атомските научници (БАС) и го помести својот „Часовник на судниот ден“ на 85 секунди до полноќ.
БАС ги наведе ризиците од нуклеарна војна, климатските промени, потенцијалната злоупотреба на биотехнологијата и зголемената употреба на вештачка интелигенција без соодветна контрола при објавувањето на годишното соопштение, во кое проценува колку е блиску човештвото до својот крај. Од минатата година, часовникот беше на 89 секунди до полноќ.
„Оттогаш, тешко стекнатите глобални разбирања се уриваат, забрзувајќи го натпреварот помеѓу големите сили во стилот ‘победникот зема сè‘ и поткопувајќи ја меѓународната соработка потребна за намалување на егзистенцијалните ризици“, соопшти групата.
Овој проект почнал во 1947 година за да го предупредува човештвото на опасносните од нуклеарна војна. Стрелките се поместуваат врз основа на анализите на егзистенцијалните закани во одредено време. Полноќ ја означува теоретската точка на уништувањето. Стрелките беа најдалеку од полноќ на крајот на Студената војна – 17 минути.



