Чиле го доби најдесничарскиот претседател од Аугусто Пиноче откако Хосе Антонио Каст ја победи комунистката Жанет Хара во вториот круг на изборите. Каст освои 58% од гласовите и Хара, која беше поддржана од левичарската влада, го призна поразот.
Во текот на повеќедецениската политичка кариера Каст важеше за тврдокорен десничар. Предлагаше изградба на гранични ѕидови, распоредување на војската во областите со висока стапка на криминал и депортирање на сите мигранти кои илегално престојуваат во земјата.
Во својот победнички говор, Каст вети вистински промени во земјата.
„Без безбедност, нема мир. Без мир, нема демократија, а без демократија, нема ни слобода. Чиле ќе се врати во состојба без криминал, страв и вознемиреност“, кажа Каст.
Тој, сепак, призна дека не постојат магични решенија за проблемите, туку промените ќе бараат истрајност и време.
Победата на Каст го продолжува подемот на десницата во Јужна Америка откако таа претходно дојде на власт во Еквадор, Ел Салвадор и Аргентина, а социјалистите по две децении беа поразени и во Боливија.
Иако Чиле останува една од најбезбедните земји во Латинска Америка, насилниот криминал се зголеми во последниве години, откако групите за организиран криминал ги искористија порозните северни пустински граници со соседните производители на кокаин Перу и Боливија, големите меѓународни морски пристаништа и напливот на мигранти. Каст предлага создавање полициски сили налик на американската Служба за имиграција и царина за брзо апсење и протерување на мигранти кои нелегално се во земјата.
Тој, исто така, се залага за масовни намалувања на јавните трошоци.



