Данската кралица Маргрет Втора неочекувано го објави своето абдицирање во новогодишното телевизиско обраќање. Таа и официјално ќе се повлече од престолот на 14 јануари, на денот кога 52 години порано стана кралица.
Круната потоа ќе ја преземе нејзиниот најстар син, принцот Фредерик.
По смртта на британската кралица Елизабета Втора лани, 83-годишната Маргрет стана монарх со најдолг стаж во Европа. Таа дојде на престолот по смртта на татко ѝ, кралот Фредерик Деветти, во 1952 година.
„Операцијата на грбот што ја имав во февруари ме натера да размислам за мојата иднина и дали е време да ја пренесам одговорноста на следната генерација. Решив дека сега е вистинското време за тоа – ќе се повлечам на 14 јануари 2024, точно 52 години откако го наследив мојот сакан татко. Му го препуштам тронот на мојот син, принцот Фредерик“, изјави Маргрет, која отсекогаш уживала широка поддршка меѓу Данците.
Во Данска, кралското семејство нема формална власт, туку ја претставува нацијата со традиционални должности.