ДАНСКАТА ПОШТА ВЕЌЕ НЕМА ДА ИСПОРАЧУВА ПИСМА ОТИ ИСПРАЌАЊЕТО Е НАМАЛЕНО ЗА 90 ОТСТО

    ДАНСКАТА ПОШТА ВЕЌЕ НЕМА ДА ИСПОРАЧУВА ПИСМА ОТИ ИСПРАЌАЊЕТО Е НАМАЛЕНО ЗА 90 ОТСТОБројот на писмата е намален од почетокот на векот од 1,4 милијарди на 110 милиони минатата година. (Фото: Гети)

    После 400 години, Државната поштенската служба на Данска, „ПостНорд“, ќе престане да испорачува писма на крајот на 2025, поради падот на обемот на писмата за 90 отсто од почетокот на векот. Од 4.600 вработени, 1.500 работници се соочуваат со губење на работното место. Од почетокот на јуни, ќе бидат тргнати 1.500 поштенски сандачиња во Данска.

    Министерот за транспорт Томас Даниелсен изјави дека писмата сепак ќе се испраќаат и примаат бидејќи „има слободен пазар и за писма и за пакети“.

    Поштенските услуги низ Европа се борат со пад на обемот на писма. Германскиот „Дојче пост“ неодамна објави дека укинува 8.000 работни места на, како што го нарече, „социјално одговорен начин“. „Дојче пост“ има 187.000 вработени, а претставниците на персоналот рекоа дека стравуваат оти ќе следат нови кратења.

    Данска имаше универзална поштенска услуга до крајот на 2023, но со растот на дигиталните поштенски услуги, употребата на писма драстично опадна. „ПостНорд“ вели дека ќе го префрли својот фокус на испорака на пакети и дека сите поштенски марки купени оваа година или лани  може да бидат вратени за ограничен период во 2026.

    „Ова е навистина тажен ден. Не само за нашиот оддел, туку и за 1.500 вработени кои се соочуваат со неизвесна иднина“, изјави вработениот Андерс Раун Микелсен за данската телевизија ДР.

    Данска е рангирана како една од најдигитализираните земји во светот. Има апликација за речиси сè: малку луѓе користат готовина, а Данците дури носат возачки дозволи и здравствени картички на своите телефони. Банкарските изводи, сметките и кореспонденцијата со локалните власти се испраќаат по електронски пат.

    Јавните услуги испраќаат комуникации преку апликација „Дигитал Пост“ или други платформи, а „ПостНорд“ Данска вели дека пазарот на писма повеќе не е профитабилен. Бројот на писмата е намален од почетокот на векот од 1,4 милијарди на 110 милиони минатата година.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира