Либералната партија Умерени, која е дел од владејачката коалиција во Данска, го избрка 28-годишниот пратеник Мајк Вила Фонсека од своето членство откако тој призна дека е во врска со 15-годишничка. Партијата се одлучила на ваков чекор зашто Фонсека ги прекршил нејзините правила кои забрануваат да се стапува во интимни односи со лица помлади од 18 години.
Данскиот закон, пак, дозволува врски и сексуални односи со поединци на возраст од најмалку 15 години.
Признанието на Фонсека дека е во врска со девојче предизвика жестоки реакции во Данска, особено откако се дозна дека тој бил пријател со нејзиното семејство откако таа имала десет години. Тој исто така рекол дека тие ја одобруваат нивната врска.
Неколку големи партии во Данска кажаа дека нема да го примат Фонсека во своите редови, па тој ќе продолжи да работи како независен пратеник во парламентот.