Десетици илјади граѓани се собраа денеска во Нови Сад за да ја одбележат годишнината од уривањето на настрешницата на реновираната железничка станица, трагедија во која загинаа 16 лица и која го поттикна најголемото антивладино движење во Србија предводено од млади, претставувајќи сериозен предизвик за претседателот Александар Вучиќ.
Комеморативниот собир, организиран од студентско движење, започна точно во 11:52 часот, времето кога се урна покривот на 1 ноември 2024 година. Беше одржано 16-минутно молчење во чест на 16-те жртви, а граѓаните оставаа цвеќиња и свеќи покрај привремената ограда во близина на оштетениот влез на станицата.
Катастрофата го инспирираше најголемото младинско движење во Србија од падот на Слободан Милошевиќ. Првичните барања за транспарентна истрага брзо прераснаа во критики за корупцијата и непотизмот, како и повици за предвремени парламентарни избори, кои редовно треба да се одржат во 2027 година. Во знак на протест, група граѓани 16 дена пешачеа од Нови Пазар, поминувајќи 340 километри до Нови Сад, каде беа пречекани од насобраните граѓани.
Протестите веќе доведоа до одредени резултати, вклучувајќи ја и оставката на поранешниот премиер Милош Вучевиќ во јануари. Претседателот Вучиќ, кој првично ги етикетираше демонстрантите како „терористи“ поддржани од Западот, во вчерашното телевизиско обраќање упати ретко извинување за својата остра реторика.
„Кажав некои работи за кои сега жалам. Целата таа омраза што врие во нашето општество не може да донесе ништо добро. Може да доведе само до понатамошно уништување“, рече Вучиќ, повикувајќи на дијалог. Владата го прогласи денешниот ден за ден на национална жалост.
Настаните во Србија внимателно се следат и од Брисел. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на социјалната мрежа Х напиша дека трагедијата „ја менува Србија“.
Во меѓувреме, истрагите продолжуваат. Во септември беше покрената кривична постапка против 13 лица, меѓу кои и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ. Паралелно се водат и антикорупциска истрага и истрага поддржана од ЕУ за можна злоупотреба на европските фондови во проектот за реновирање на станицата.



