Дваесет и пет луѓе загинаа, а стотици се повредени во најнасилната вулканска ерупција во Гватемала во последните неколку децении.
Вулканот Фуехо, што се наоѓа само 40 километри од главниот град Гватемала Сити, исфрла карпи, црн чад и прашина во воздухот, додека река од лава го погоди селото Ел Родео, убивајќи луѓе во нивни куќи. Аеродромот во главниот град е затворен за сообраќај.
Претседателот Џими Моралес прогласи вонредна состојба.
„Очекуваме да има состојба на катастрофа во најмалку три области“, кажа Моралес, додавајќи дека лавата го сменила правецот кон селото Ел Родео.
„За жал, Ел Родео е затрупано, а немаме контакт ни со селото Ла Либертад, кое, исто така, е под лава можеби. Веројатно и таму има загинати“.
Ова е најголемата ерупција на вулканот од 1974 година, велат локалните експерти. Меѓу загинатите се и неколку деца, а се проценува дека со ерупцијата е погодено подрачје со 1,7 милиони луѓе.