ДЕСЕТИЦИ ЗЕМЈИ ПОТРОШИЈА МИЛИОНИ НА ЛОБИСТИ СО ВРСКИ СО ТРАМП И ПАК ДОБИЈА ВИСОКИ ЦАРИНИ

    ДЕСЕТИЦИ ЗЕМЈИ ПОТРОШИЈА МИЛИОНИ НА ЛОБИСТИ СО ВРСКИ СО ТРАМП И ПАК ДОБИЈА ВИСОКИ ЦАРИНИНајмалку 30 држави ангажираа нови лобисти со конекции со Трамп по неговиот избор. (Фото: Чанака)

    Десетици земји низ светот потрошија милиони долари оваа година на лобисти со врски со претседателот Доналд Трамп, во обид да ги избегнат царините што би можеле да им наштетат на нивните економии. Сепак, во повеќето случаи, овие трошоци не им донесоа никаков резултат.

    Пристапот на Трамп кон одредувањето на царините е непредвидлив – некои договори поставуваат царина од 15% за главните трговски партнери, додека за други земји стапките варираат меѓу 10% и 41%. Во ваква ситуација, традиционалните тактики на лобирање во Вашингтон изгледа дека имаат мало влијание.

    Најмалку 30 држави ангажираа нови лобисти со конекции со Трамп по неговиот избор, вклучувајќи големи трговски партнери како Јужна Кореја и Јапонија, но и помали земји како Босна и Еквадор. Сепак, ангажирањето на овие лобисти не покажало директна поврзаност со тоа дали земјите успеале да ги избегнат највисоките царини.

    „Мислам дека сегашното раководство во Вашингтон го нарушува традиционалниот начин на работа. Не се работи само за бизнис, туку и за дипломатија и односи со други нации. Стариот модел на влијание едноставно не функционира“, вели Мукеш Аги, извршен директор на Форумот за стратешко партнерство меѓу САД и Индија.

    Новиот модел се покажа како поразителен за Индија. И покрај тоа што го ангажираа долгогодишниот советник на Трамп, Џејсон Милер, во април, царините за Индија сепак се зголемија на 50%. Ова се случи откако земјата не успеа да обезбеди трговски договор, а Трамп одлучи да ги зголеми царините како одговор на купувањето руска нафта од страна на Индија.

    Искуствата на Канада и Мексико се особено илустративни. Канадските провинции ангажираа многу лобисти, но земјата сепак беше силно погодена од Трамп и се соочи со царина од 35%. Спротивно на тоа, Мексико не се потпре на лобисти, туку на личниот однос на претседателката Клаудија Шејнбаум со Трамп, што се покажа како поуспешен пристап. Стапката за Мексико остана на 25%, со многу производи изземени според постоечкиот договор за слободна трговија.

    Еден републикански лобист кој работи на темата царини сугерира дека за да се постигне напредок со претседателот, потребна е промена во размислувањето.

    „Проблемот со некои од овие земји е што сметаа дека имаат право на статус кво и беа навредени што некој, дури и американскиот претседател, би предложил промена“, вели тој.

    Директните разговори меѓу лидерите се покажаа како особено вредни.

    „Според мене, најдобриот начин да се лобира кај претседателот Трамп е лидерот директно да разговара со него. Претседателот Трамп секогаш зборува за неговите односи со другите лидери“, вели Тами Оверби, партнерка во „ДГА Груп Гаврнмент“.

    Многу од фирмите ангажирани од странските влади се познати имиња во Вашингтон, како „Меркјури Паблик Аферс“, „Балард Партнерс“ и „БГР Груп“. Јужна Кореја и Јапонија, кои одржуваат договори со десетици лобистички фирми, успеаја да постигнат договор за царини од 15%. Пакистан, на пример, ангажирал седум нови лобистички фирми, вклучувајќи и луѓе од внатрешниот круг на Трамп кои никогаш претходно не биле регистрирани како странски агенти, и успеал да ја намали царината од 29% на 19%.

    И покрај тоа што рамката за царините е поставена, лобистите и земјите сè уште се надеваат дека можат да издејствуваат исклучоци или други поволности. Оваа можност гарантира дека бизнисот на улицата „Кеј Стрит“ во Вашингтон, каде што се сместени лобистите, ќе продолжи да цвета, и покрај досегашните слаби резултати.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира