Прославената американска гимнастичарка Симон Бајлс и десетици други жени кои тврдат дека биле сексуално злоставувани од Лери Насар бараат над милијарда долари од ФБИ зашто агенцијата не го сопрела спортскиот лекар кога првпат била известена за обвинувањата против него.
Познато е дека ФБИ во 2015 знаел дека Насар бил обвинет за злоставување гимнастичарки, но не реагирал, оставајќи го слободен да продолжи да напаѓа млади жени уште повеќе од една година. Тој го призна делото во 2017 и доби повеќедецениска затворска казна.
„Време е ФБИ да понесе одговорност“, изјави Меги Николс, национална шампионка во гимнастика од 2017 до 2019.
Според федералниот закон, владина агенција има рок од шест месеци да одговори на тврдењата против неа, а во зависност од одговорот, може да следи и судска постапка. Околу 90 жени, меѓу кои има и олимписки шампионки, се здружија против ФБИ.
„Ако ФБИ си ја завршеше работата, Насар ќе беше сопрен пред да има шанса да злоставува стотици девојки, вклучувајќи ме и мене“, изјави бившата гимнастичарка Саманта Рој.
Американската гимнастичарска федерација во 2015 известила тројца локални агенти на ФБИ дека три млади спортистки биле нападнати од Насар, но агенцијата не отворила формална истрага, ниту пак ги известила федералните или државните власти на Мичиген.