Девет членки на ЕУ го повикуваат Брисел да ја прошири флексибилноста на Системот за влез/излез, тврдејќи дека блокот сè уште не е подготвен постепено да ги укине сегашните заштитни мерки.
Во заедничко писмо од 7 јули, Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија му рекоа на еврокомесарот за внатрешни работи Магнус Брунер дека првите месеци од работењето на системот откриле значителни тешкотии кои не можат да се потценат, објави сајтот „Политико“. Земјите ја потврдија својата поддршка за новиот систем, но сакаат Европската комисија да им дозволи на членките да продолжат да го користат вградениот механизам за итни случаи и по 6 септември 2026, кога треба да истече.
Механизмот им овозможува на граничните власти во исклучителни случаи привремено да ги суспендираат собирањето на отпечатоци и скенирањето на лица на патниците за да се намали метежот, а воедно да ги регистрираат сите што влегуваат и излегуваат од Шенген зоната.
Писмото следува откако аеродроми, авиокомпании и оператори на траекти алармираа дека новиот систем создава долги редици и оперативни нарушувања за време на летната патничка сезона, а индустриските групи тврдат дека техничките и оперативните проблеми веројатно нема да бидат решени до почетокот на септември.
Комисијата досега не навестила дека има намера да ги продолжи сегашните флексибилности по 6 септември или да го суспендира механизмот пошироко.



