Девет луѓе се убиени во нападот на два наргиле бара во западногерманскиот град Ханау. Осомничениот напаѓач бил пронајден мртов неколку часа подоцна во неговиот дом, заедно со уште едно лице.
Полицијата кажа дека тој најверојатно немал помагачи, но и дека засега не е познат мотив на нападот. Весникот „Билд“ објави дека напаѓачот е германски државјанин кој имал дозвола за носење оружје, при што во неговиот автомобил била пронајдена дополнителна муниција.
Првиот напад се случи околу 22 часот во наргиле бар во центарот на градот, што се наоѓа 25 километри источно од Франкфурт, а вториот во бар во предградието Кеселштат. Гости во двата бара главно биле Курди.
По неколкучасовна потрага која вклучи и хеликоптер, полицијата во пет часот наутро упаднала во домот на осомничениот напаѓач, каде што тој бил пронајден мртов, заедно со уште едно лице. Идентитетот на напаѓачот засега не е објавен.