Холивудските ѕвезди Џенифер Лопез и Бен Афлек се разведуваат по две години брак. Лопез вчера поднесе барање за развод во Врховниот суд на округот Лос Анџелес, а според судските документи што ги виде „Би-Би-Си“, го наведе 26 април како датум на нивната разделба.
Двојката – наречена Бенифер од таблоидите – формално се венчаше во Лас Вегас во јули 2022 и одржа поголема свадбена церемонија во Џорџија следниот месец. Нивната романса започна откако се запознаа додека работеа на крими филмот „Џиљи“ во 2003. Првично планираа да се венчаат таа година, но ја прекинаа врската на почетокот на 2004. Речиси две децении подоцна ја обновија врската.
„Љубовта е убава. Љубовта е милозлива. И излегува дека љубовта е трпелива. Дваесет години трпеливост“, рече Лопез во 2022, кога ја објави венчавката во Лас Вегас.
Медиумите објавија дека Лопез, која законски го промени своето презиме во Афлек, не навела никакви детали за предбрачниот договор во нејзиното барање за развод. Со месеци се шпекулира за нивната врска. Тие, наводно, ја ставиле својата куќа во Беверли Хилс на продажба за 65 милиони долари и беа фотографирани без венчалните прстени.
Афлек, двократен добитник на Оскар, претходно беше во брак со актерката Џенифер Гарнер, која ја запозна на снимањето на романсата „Перл Харбор“ во 2001, а се разделија во 2015 по една деценија брак и заедно имаат три деца.
Лопез беше мажена четири пати, прво со келнерот роден во Куба Ојани Ноа од 1997-1998; потоа со нејзиниот поранешен резервен танчер Крис Џад од 2001-03; и со пејачот Марк Ентони, со кого има близнаци, од 2004-14. Пејачката и актерка, позната како Џеј Ло, своевремено беше свршена и со ѕвездата на Њујорк Јенкис, Алекс Родригез.