Споредувајќи се со бустер ракета која ја исполнила својата мисија, Борис Џонсон се збогуваше од премиерската резиденција во улицата Даунинг и ги опиша своите идни планови како враќање кон помирен живот.
Тој денеска ќе ја предаде функцијата на новата лидерка на Конзервативната партија, Лиз Трас, откако беше принуден да поднесе оставка во јули по серија скандали.
Џонсон истовремено се спореди со римскиот диктатор Цинцинат, кој и покрај својата старост, ја напуштил својата мала фарма за да преземе контрола врз римската држава додека се борела со инвазија, по што се вратил на фармата.
„Јас сум како една од оние бустер ракети кои ја исполниле својата функција и сега нежно ќе влезам во атмосферата и незабележливо ќе паднам во некој зафрлен и непознат агол од Пацификот. Како Цинцинат, му се враќам на мојот плуг“, кажа Џонсон во својот последен говор како премиер.
Тој ѝ даде поддршка на Трас, најавувајќи дека нема да ѝ прави никакви проблеми во парламентот.
Извори блиски на Џонсон велат дека оставката ќе му овозможи веќе да не биде јавен имот и ќе се оддалечи од медиумскиот циркус што го следеше со децении.
Џонсон беше премиер три години и 44 дена, што е меѓу најкратките мандати во британската историја, но за тој период ја водеше земјата низ брегзит, пандемијата на ковид-19 и украинската криза.