Народното собрание на Република Српска вечерва го обвини Судот на БиХ дека извршил државен удар и целосно го урнал уставниот поредок на БиХ откако го осуди лидерот на босанските Срби Милорад Додик на една година затвор за непочитување и неспроведување на одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит. На претседателот на Република Српска истовремено му е изречена шестгодишна забрана за вршење политички функции.
„Судот ја донесе пресудата врз основа на одлуката на високиот претставник Кристијан Шмит. Народното собрание ги отфрла и не ги прифаќа одлуките на Шмит и не ги признава законите и одлуките на органите кои не се дефинирани со уставот на БиХ, вклучително и Судот на БиХ“, стои во заклучоците што вечерва ги усвои Народното собрание на РС, чија цел е заштитата на уставот на БиХ.
Опишувајќи ја пресудата како политички и национално мотивирана, Додик порача дека не планира да оди во затвор.
„Бидете сигурни дека нема да одам во затвор, ниту ќе си одам оттука. Никогаш нема да дадам ни фенинг за да си ја откупам казната“, рече тој.
Според законите на БиХ, секој што е осуден на затвор до една година може да си ја откупи казната.
„Од денеска Босна и Херцеговина веќе не постои. Ми треба поддршка од народот и ќе одам докрај“, кажа Додик на собир во Бања Лука.
Пресудата за Додик беше осудена од неговите најблиски сојузници Србија, Унгарија и Русија, која кажа дека „ова е удар за стабилноста на Балканот“.