Дваесет и четири часа откако војската на Азербејџан лансираше офанзива во одметнатиот регион Нагорно-Карабах, силите на тамошните етнички Ерменци ги прифатиле руските услови за примирје. Тие, меѓу другото, се согласиле целосно да се разоружаат, што беше едно од главните барања.
Околу 120.000 Ерменци живает во оваа јужнокавкаска енклава, која е меѓународно призната како дел на Азербејџан, но е под контрола на Ерменија. Во неколкунеделната војна во 2020, азербејџанските сили освоија области во и околу Нагорно-Карабах, а од вчера бараа целосно предавање.
Властите на Карабах објавија дека 27 луѓе загинаа, а 200 се повредени откако Азербејџан вчера почна воена акција, која ја нарече противтерористичка операција. Баку најави дека операцијата нема да запре сѐ додека ерменските сепаратисти не се предадат.
Од кабинетот на азербејџанскиот претседател Алиев кажаа дека средба со ерменските претставници од Карабах ќе се одржи денеска во азербејџанскиот град Јевлах, при што ќе се разговара за реинтеграција. Лидерите на енклавата кажаа дека со посредство на руските мировници бил договорен целосен прекин на непријателствата, што стапи на сила во 11 часот по македонско време.