Претседателот на САД Доналд Трамп вчера изјави дека договорот на „Нетфликс“ за купување на „Ворнер Брос Дискавери“ „може да биде проблем“ поради големината на комбинираниот пазарен удел.
„Нема сомнение за тоа“, рече Трамп, одговарајќи на прашања за договорот и разни други теми додека одеше по црвениот тепих на доделувањето на наградите на Центарот „Кенеди“.
Трамп рече дека ќе биде вклучен во одлуката дали федералната влада треба да го одобри договорот од 72 милијарди долари. Ако биде одобрен од регулаторите, спојувањето би ги ставило две од најголемите светски стриминг платформи под иста сопственост и би го споило телевизискиот и филмскиот оддел на „Ворнер“, вклучувајќи ги и „Ди-Си Студиос“, со огромната библиотека на „Нетфликс“ и неговиот продукциски оддел.
Договорот, кој би можел да ја преобликува индустријата за забава, мора „да помине низ процес и ќе видиме што ќе се случи“, рече Трамп.
„’Нетфликс’ е одлична компанија. Тие завршија феноменална работа. Тед е фантастичен човек“, рече тој за извршниот директор на „Нетфликс“, Тед Сарандос, истакнувајќи дека минатата недела се сретнале во Овалната соба пред да биде објавен договорот на 5 декември. „Имам голема почит кон него, но тоа е голем пазарен удел, па ќе мора да видиме што ќе се случи.“
На прашањето дали на „Нетфликс“ треба да му се дозволи да го купи холивудскиот гигант зад „Хари Потер“ и „Ејч-Би-О Макс“, претседателот рече: „Па, тоа е прашањето“.
„Тие имаат многу голем пазарен удел, а кога го имаат ‘Ворнер Брос’, знаете, тој удел многу расте, па не знам“, рече тој. „И јас ќе бидам вклучен во таа одлука. Но, тие имаат многу голем пазарен удел“.
Сарандос не даде никакви гаранции на нивниот состанок за спојувањето ако биде одобрено, рече Трамп, додавајќи дека извршниот директор е „одлична личност“ која „вршила една од најголемите работи во историјата на филмовите и другите работи“.
Тој повтори дека спојувањето би создало „голем пазарен удел“ за компанијата.
„Нема сомнение за тоа. Може да биде проблем“, рече Трамп.



