Две лица загинаа во Народната библиотека во Белград и Министерството за внатрешни работи потврди дека тие се задушиле.
Српските медиуми објавија дека станува збор за двајца мајстори кои повремено биле ангажирани во библиотеката, а настрадале поради вдишување на отровни испарувања од противпожарниот систем.
Неофицијално, несреќата се случила при испробување на нестандардните противпожарни апарати, при што дошло до истекување на јаглерод-диоксид.
Откако системот почнал да испушта отровни испарувања, биле алармирани пожарникари и брза помош. Библиотеката била евакуирана, а двајцата мажи кои работеле на одржувањето на апаратите биле пронајдени мртви.
„Од библиотеката добивме пријава дека се чувствува тешка миризба. Двајца мажи на возраст од 30 и 50 години се пронајдени мртви. Станува збор за мајстори кои доаѓале на секои шест месеци да ги проверат уредите. Се чини дека тие веќе некое време не биле исправни“, изјавија од МВР.