Двата дома на американскиот Конгрес го усвоија законот што го обврзува министерството за правда да ги објави сите досиеја за сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстајн.
Откако Законот за транспарентност на досиејата Епстајн помина во Претставничкиот дом со 427-1 во гласови, тој едногласно, по забрзана постапка, беше усвоен и во Сенатот без формално гласање. Ова следува само неколку дена откако Доналд Трамп изненадувачки ги повика републиканските пратеници да гласаат за објавување на сите документи за Епстајн. Соочувајќи се со притисок и од сопствените сопартијци, Трамп го промени ставот, велејќи дека нема што да крие.
Единствениот кој гласаше против законот беше републиканецот од Луизијана, Клеј Хигинс.
„Она што беше погрешно со законот пред три месеци е погрешно и сега. Со него се напуштаат 250 години кривична постапка во Америка“, објасни Хигинс.
Минатата недела, Трамп и неговите врски со Епстајн повторно избија во прв план откако беа објавени повеќе од 20.000 страници документи, при што во некои од нив се споменуваше и претседателот. Белата куќа негираше какво било кривично дело.
По гласањето во Конгресот, законот оди на потпис кај Трамп, кој нема да може да стави вето зашто беше изгласан со огромно мнозинство. Законот бара од државната обвинителка Пем Бонди да ги објави сите некласифицирани записи, документи, комуникации и истражни материјали поврзани со Епстајн и неговата соработничка Гилејн Максвел најдоцна 30 дена по донесувањето на законот. Бонди, сепак, ќе има право да задржи информации што би загрозиле активни федерални истраги или би идентификувале жртви.
Епстајн беше пронајден мртов во неговата затворска ќелија во Њујорк во 2019. За време на две кривични истраги против него беа собрани илјадници документи, вклучително и транскрипти од интервјуа со жртви и сведоци.



