ЕКВАДОР ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА КРИМИНАЛНИТЕ БАНДИ ПО УПАДОТ НА ВООРУЖЕНИ МАЖИ ВО ТВ-СТУДИО

    ЕКВАДОР ИМ ОБЈАВИ ВОЈНА НА КРИМИНАЛНИТЕ БАНДИ ПО УПАДОТ НА ВООРУЖЕНИ МАЖИ ВО ТВ-СТУДИОПолицијата ги евакуира вработените од телевизијата „ТЦ“ по упадот на вооружена група (Фото: АП)

    Претседателот на Еквадор, Даниел Нобоа, нареди криминалните групи да бидат неутрализирани откако неколкудневните насилства кулминираа со вчерашниот напад на телевизиско студио. Вооружени мажи упаднаа во јавната телевизија „ТЦ“ во Гвајакил за време на емитувањето на програмата во живо, принудувајќи ги шокираните вработени да легнат на земја.

    Инцидентот помина без жртви, при што полицијата кажа дека се уапсени 13 луѓе, а двајца вработени се повредени, од кои еден бил застрелан во нога.

    Најмалку десет луѓе се убиени, од кои двајца полицајци, откако во понеделникот почна 60-дневна вонредна состојба во земјата, прогласена по исчезнувањето на водачот на озлогласената банда „Чонерос“, Адолфо Масијас Виљамар-Фито, од затвор. Нејасно е дали упадот во телевизијата е поврзан со ова.

    „Во земјата се одвива внатрешен вооружен конфликт. Ги мобилизирам вооружените сили за извршување воени операции за неутрализирање на транснационалниот организиран криминал, терористичките групи и на агресивните недржавни актери“, изјави Нобоа.

    Во соседното Перу, владата нареди моментално распоредување полициски сили на границата за да се спречи прелевање на нестабилноста во земјата. Вашингтон ги осуди нападите во Еквадор и кажа дека се координира со Нобоа и еквадорската влада.

    Нобоа прогласи вонредна состојба, која вклучува и полициски час ноќе, по серија затворски нереди и бегства и други насилства поврзани со 20-ина криминални банди. Безбедносните сили се обидуваат да воспостават ред во најмалку шест затвори каде што избија нереди во понеделникот.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира