Велика Британија вечерва започнува нова ера откако беше објавено дека кралицата Елизабета Втора починала на 96 години во својата резиденција во Балморал во Шкотска. Тажната вест од Бакингамската палата уследи само неколку часа откако беше објавено дека здравјето на кралицата е влошено.
Седумдецениското владеење на Елизабета Втора ги опфати поствоеното штедење, транзицијата од царство во Комонвелт, крајот на Студената војна и влегувањето и повлекувањето на Велика Британија од Европската Унија. За тоа време се изменија и 15-мина британски премиери, од Винстон Черчил до Лиз Трас, која ја презеде функцијата пред само два дена.
Британското знаме на врвот на Бакингамската палата беше спуштено на пола копје во 18:30 часот по локално време.
Кралицата е родена како Елизабета Александра Мери Виндзор на 21 април 1926 во Мејфер, Лондон. Малкумина можеле да предвидат дека ќе стане монарх, но сè се променило во декември 1936 кога абдицирал чичко ѝ Едвард Осми, по што крал станал нејзиниот татко Џорџ Шести.
За време на Втората светска војна, таа почнала да разменува романтични писма со својот трет братучед Филип, што се развило во голема љубов и двајцата се венчале на 20 ноември 1947, останувајќи заедно 74 години, до неговата смрт лани.
Елизабета била во Кенија кога дознала за смртта на татко ѝ. Веднаш се вратила во Лондон, но како британска кралица. Била крунисана на 2 јуни 1953, кога имала само 27 години, а телевизискиот пренос го следеле 20 милиони луѓе.
Во следните децении, светот мина низ големи промени, а Елизабета прерасна во институција, икона и втор најдолговечен монарх во историјата, зад францускиот крал Луј Четиринаесетти.
И покрај сложените врски на Британија со бившите колонии, Елизабета беше високо почитувана и остана шеф на повеќе од десет држави, од Канада до Тувалу. Ја реформираше монархијата и предводеше 54-член Комонвелт, изграден околу Британија и бившите колонии.
Преку безброј јавни настани, таа се сретна со безброј јавни личности и обични луѓе, а како дел од поп културата, нејзиниот лик е еден од најрепродуцираните на светот.