Владејачката партија во Турција ја загуби контролата во Истанбул по повторените избори за градоначалник, покажуваат последните резултати. По преброените над 90% од гласовите, кандидатот на главната опозициска партија Екрем Имамоглу освоил 54% гласови.
Тој изненадувачки, со тесна разлика победи на изборите во март, но тоа беше поништено откако партијата на Реџеп Таип Едроган се пожали на нерегуларности. Противникот на Имамоглу Бинали Јилдирим го призна поразот на денешните повторени избори.
Ова е нов голем удар за Ердоган, кој веќе ги загуби Анкара и Измир. Тој претходно кажа „кој и да го освои Истанбул, ќе ја освои и цела Турција“.
„Резултатот од овие избори претставува нов почеток за градот и за државата. Подготвени сме да отвориме нова страница во Истанбул, страница на правда, еднаквост и љубов“, изјави Имамоглу, додавајќи дека е подготвен да работи во хармонија со Ердоган.