Ерменија веќе не може да се потпира врз Русија како одбранбен и воен партнер зашто Москва постојано ја изневеруваше, изјави премиерот Никол Пашињан, додавајќи дека е време да ги зајакнат своите врски со САД и Франција.
Ерменија, која дели граница и со Турција и Иран, долго време важеше за близок сојузник на Русија, но Пашињан го налути Кремљ кога почна да ги преиспитува основите на оваа унија.
„Мора да разбереме со кого навистина можеме да одржуваме воено-технички и одбранбени врски. Порано овој проблем беше едноставен зашто такво прашање не ни постоеше. Порано, 95-97% од нашите одбранбени врски беа со Руската Федерација. Сега веќе не може да биде така од објективни и субјективни причини“, кажа Пашињан.
Тој смета дека Ерменија би требала да изгради безбедносни врски со САД, Франција, Индија и Грузија.
Пашињан вели дека Русија ја изневерила Ерменија кога Азербејџан лансираше брза воена акција за да ја поврати контролата врз одметнатиот регион Нагорно-Карабах, што доведе до егзодус на етничките Ерменци кои живееја таму. Русија ги обвини политиките на Пашињан за поразот на Ерменците во енклавата.
Во исто време, Азербејџан ја обвини Франција дека се обидува да поттикне нова војна така што ја снабдува Ерменија со оружје.