ЕУ И НАТО ЈА ОБВИНИЈА РУСИЈА ЗА ЕСКАЛАЦИЈА ПО НАПАДОТ СО ДРОНОВИ ВО ЛАЈПЦИГ И ВЕТИЈА ДЕКА ЌЕ ОДГОВОРАТ

    ЕУ И НАТО ЈА ОБВИНИЈА РУСИЈА ЗА ЕСКАЛАЦИЈА ПО НАПАДОТ СО ДРОНОВИ ВО ЛАЈПЦИГ И ВЕТИЈА ДЕКА ЌЕ ОДГОВОРАТГерманија кажа дека се идентификувани двајца осомничени за нападот во Лајпциг (Фото: ДПА)

    Шефовите на НАТО и Европската комисија, Марк Руте и Урсула фон дер Лајен, предупредија дека Русија станува сè понеодговорна и ветија дека ќе одговорат на „новата нормалност“. Членките на ЕУ ѝ дадоа поддршка на Германија откако таа ја обвини Русија за нападот со дронови на аеродромот во Лајпциг минатиот месец.

    „Лајпциг означува нова ескалација на територијата на Европската Унија директно припишана на Русија. Мораме да се засилиме, а тоа значи да бидеме подготвени побрзо и подобро да одговориме на неодговорноста на Русија“, изјави Фон дер Лајен.

    Руте рече дека целиот воен сојуз е во целосна солидарност со Германија.

    Русија ги отфрли германските обвинувања. Дронот, кој носел експлозив, бил деактивиран од робот на аеродромот, а се смета дека второ беспилотно летало се судрило со друг товарен авион. Уште еден дрон наводно бил пронајден 10 дена подоцна на аеродромот, кој е важен центар на НАТО и редовно го користат украинските транспортни авиони.

    Германската влада вчера соопшти дека полициските истраги и разузнавачките наоди докажале дека Русија стои зад инцидентите. Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул притоа рече дека ќе нареди затворање на рускиот конзулат во Бон и ќе биде раскинат договорот за Руската куќа во Берлин.

    Владимир Путин ги опиша мерките на Германија како сериозна грешка и побара докази за обвинувањата.

    Германија кажа дека се идентификувани двајца осомничени за нападот во Лајпциг: Белорусин со руски пасош, кој влегол со туристичка виза и друг со латвиски и руски пасош, кој пристигнал со авион во Берлин и заминал два дена пред неуспешниот напад.

    Запрашан дали Москва би била подготвена да ги прекине односите со Берлин, рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко рече „можеби“, но дека засега ќе ѝ даде шанса на дипломатијата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира