Европскиот суд на правдата ја казни Полска со еден милион евра на ден поради игнорирањето на барањата на ЕУ да поништи дел од своите судски реформи. Во средина на јули, највисокиот суд на ЕУ пресуди дека новата дисциплинска комора на Врховниот суд на Полска не гарантира непристрасност и независност и со тоа ги прекршува европските закони.
„Варшава мора да се усогласи со европските закони со цел да се избегне сериозна и непоправлива штета на правниот поредок на ЕУ и вредностите врз кои Унијата е основана“, се вели во пресудата на Европскиот суд на правдата.
Основана во 2018, комората има можност да разреши кој било судија или обвинител и Брисел стравува дека ова би можело да се злоупотреби за да се казнуваат непослушните и да се нарушува независноста на судството. Премиерот Матеуш Моравјецки кажа минатата недела во Европскиот парламент дека комората ќе биде укината, но не и кога.
Полска дополнително го заостри спорот со Брисел во почетокот на овој месец, кога нејзиниот уставен суд заклучи дека делови од европското законодавство не се во согласност со полскиот устав.